Македонија

Заев за „Политика“: Верувам во успех на референдумот

заев

Патриотска должност е на секој политичар, посебно на секој премиер, да се грижи за интересите на граѓаните кои му ја дале довербата и за интересите на државата. Подготвен сум на лидерство, да водам во сите процеси што значат безбедност, зацврстување на меѓународните позиции на Македонија, а и на регионот.

Се чувствувам исполнето, бидејки им служам на граѓаните и на државата и работам на остварување на една голема визија, добро за сите, истакнува премиерот Зоран Заев во денешното неделно интервју за белградскиот весник „Политика“, одговарајќи на прашањето како се чуствува по „политичката револуција“ постигната со пенкало и потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција

– Ако добивме потврда, ерга омнес на нашиот македонски идентитет и јазик, ако географската одредница Северна што ја додадовме на нашето име Македонија ни ги отвора патиштата кон ЕУ и НАТО, ако договорот ја става нашата држава Македонија на картата на држави во светот на достоиствено ниво, идентитетски целосно заштитена, за век и веков, ако овој договори значи за Грција спокој и потврда дека немаме никакви територијални или други претензии кон географскиот реон Македонија што е на грчка страна, тогаш единственото што можеме да речеме дека го изгубија двете страни е суетата што ја покажувале до седнувањето на маса на новите политички раководства на државите, потенцира премиерот Заев, одговарајќи на прашањето кој што добил, а кој изгубил со новото име Република Северна Македонија.

Дополнително, посочува Заев, ние се ослободивме од каменот, го изгубивме каменот што нашата земја 25 години ја влечеше надолу.

– Македонија и Грција добија прво политички раководства кои се подготвени да носат достоинствени и храбри одлуки за доброто на своите граѓани, а сега добија една во друга и добар пријател и сосед, а на светот му подадоа храброст, дека ако се има добри намери и се сака, решение за секое прашање има. Со договорите на нашата држава со Бугарија и Грција, Македонија доби сегашност и обезбеди иднина, го обезбеди заветот на своите предци, Македонците да имаат своја, почитувана и меѓународно признаена држава, вели Заев.

Објаснувајќи ги познатите детали од Преспанскиот договор со Грција, за името на државата, задржувањето на македонскиот идентитет, јазикот, кодот МКД…премиерот Заев во интервјуто потенцира „државните институции ќе го следат принципот на договорот и ново утврденото име. Сите други организации, здруженија, компании, активности, атрибути може да ја користат придавката македонски, како во нашата земја, така и секаде во светот. Еве на пример македонска култура“.

Во поглед на спроведувањето на договорот во Македонија и ставот на претседателот Ѓорге Иванов и опозицијата, Заев одговори дека ништо не зависи од Иванов, како и од сите политичари, туку се зависи од граѓаните.

– Граѓаните, ќе се изјаснат на референдум за историскиот договор со којшто државата оди напред. Тоа што е до мене и што е до Владата, ние ќе го направиме, ќе се обидеме целосно и темелно да им ги доближиме на граѓаните придобивките од договорот со Грција и да ги расчистиме сите предрасуди со коишто неодговорни политичари, водејки се од лични интереси ја замајувале или ја замајуваат јавноста. Јас сум непоправлив оптимист како што знаете и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада, појаснува Заев.

Тој вели дека ќе ja исполнат нивната политичка должност како власт којашто ја добила довербата од граѓаните, да се спроведе волјата на граѓаните. Ако тоа подразбира дека ќе мора да покренеме, како парламентарно мнозинство, отповикување на претседателот Иванов, нагласува, и тоа ќе го направиме низ уставните и законските процедури.

– За претседателот Иванов што да кажам, дури непријатно е низ регионален медиум да се зборува за неговите постапки, што за жал ги виде целиот свет, а коишто не одат во прилог на доброто на граѓаните. Во време кога целиот свет честита, тој сака на граѓаните да им го натовари тешкиот камен од минатото. Сакам да верувам дека не се во позадина некои други причини зошто би сакал да ги кочи евро-атлантските интеграции на Македонија и дека сите ќе не демантира поддржувајки ги процесите што водат кон членство на Македонија во ЕУ и НАТО, истакнува Заев.

Во поглед на ставот на Русија и покрај нивното „предупредување“ дека со зачленувањето во НАТО се загрозува безбедноста на регионот, премиерот Зоран Заев одговори дека Руската Федерација е голем пријател на Република Македонија.

– Економската, културната соработка, во областа на земјоделството, е на високо ниво, очекуваме и да се развива. Евро-атланската иднина на Македонија нема да ја наруши таа соработка, напротив Русија ќе добие во Македонија посилен, постабилен партнер на полињата каде се допираат интересите на граѓаните на двете земји. Убеден сум дека постои, мора да постои свест, дека светскиот мир е светски интерес, а за тоа се потребни стабилни и безбедни држави кои се развиваат по патот што го одбрале. Над 75 проценти од граѓаните на Република Македонија се за членство на нашата држава во ЕУ и НАТО, тоа е наше право и треба меѓусебно да се почитуваме и поддржуваме. Тоа е демократија, посочува Заев.

Премиерот во поглед на стабилноста на регионот наведува дека владите на Македонија, Грција и Бугарија се подготвени да бидат мотор на развојот на целиот регион на економски план и во остварувањето на евро-атлантските аспирации.

– Дадовме пример дека ако се има политичка волја, решение има, за секое отворено прашање. Договорите меѓу Македонија и Грција и Македонија и Бугарија верувам дека ќе бидат силна мотивација за затворање и на други билатерални прашања во регионот. Стабилен Балкан значи стабилна Европа и стабилен свет. Тоа е веќе јасно и за меѓународната заедница и јас силно верувам дека земјите-членки на ЕУ ќе најдат сила да ја поддржат Македонија за неколку дена да добие датум за почеток на преговорите, а потоа да добиеме покана да станеме следната 30-та земја членка на НАТО, потенцира Заев.

Во поглед на односите со Србија, Заев вели дека Македонија и Србија се соседи, но се пред се пријатели, кои споделуваат вековна историја, традиција, култура, минато, а денес ги поврзува заедничката европска иднина.

– Не постои област во којашто не можеме да ја унапредиме соработката и од каде и да почнеме, тоа само ќе повлече нови соработки и развој на односите. Треба да утврдиме заеднички прифатлив термин за меѓувладината седница, за којашто во меѓувреме ги разгледуваме приоритетите. Граѓаните на двете земји се силно и емотивно поврзани, се сакаат и се почитуваат и ние имаме и обврска како политички раководства, а гледам и желба кај двете страни, да им овозможиме и економски развој и европски перспективи. Да верувате и ова со Република Србија, во интерес на нашите граѓани и на државите, ќе го постигнеме, нагласува Заев.

Во интервјуто премиерот се осврнува и на пријателската атмосфера за време на преговорите со Грција, односот со Метју Нимиц, грчкиот премиер Алексис Ципрас, задоволството од довербата кон министерот Никола Димитров, надежта што ја има од подршката на ВМРО-ДПМНЕ и од оделни пратеници кои се свесни за историскиот момент за Македонија, „за во 2019 да влеземе како земја лидер што го предводи регионот кон ЕУ и НАТО“.

Премиерот Заев интервјуто за „Политика“ го завршува со објаснување за реформите во судството и економијата, а во поглед на барањата на опозицијата за предврени избори тој одговори-

– Што се однесува до парламентарните избори, сите анкети се во наш прилог, а со напредокот во евроинтеграциите и со добивањето покана за НАТО, довербата меѓу граѓаните уште повеќе ќе ја зајакнеме. Но, прашањето е во аргументацијата. Јас велам дека е подобро секоја влада да го заврши својот целосен мандат доверен од граѓаните, да покаже резултати, па после да излезе на мегдан. Исто така, не е добро за економските циклуси постојано да има предвремени избори, тоа ги нарушува плановите на бизнисите и граѓаните. Се разбира, прашањето на предвремени избори не зависи само од мене, туку од општиот политички амбиент и од однесувањето на сите политички субјекти и во таа смисла, ние ќе постапиме согласно највисоките и вистинските потреби на граѓаните и државата, истакнува Заев.

Интервјуто премиерот го завршува со следната порака до Србија „Граѓани на Република Србија, да градиме нови мостови, да ги чуваме изградените, низ нив нашата соработка ќе оди побрзо и полесно, а со нив ставаме нови темели што од заедничкото минато ни овозможуваат премин кон заедничка, светла, перспективна иднина“.  (МИА)

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ