Ракомет

Вардар се излеа во Јане Сандански и го потопи Висла

Пеколот е црвено-црн, а Вардар е во четвртфиналето на ЛШ.На нозе стана и Скопје и цела Македонија кога Вардар надојде и ги однесе шесте негатива од првиот меч со Висла, за да се пласира меѓу најдобрите осум екипи во Европа. Црвено-црните славеа со 31-20 во четвртфиналниот реванш од Лигата на шампионите, покажувајќи дека во Јане Сандански можат да победат колку што сакаат.

Победата со Висла ја градеа цел натпревар, но клучни беа почетните 15 минути од второто полувреме, во кои Висла постигна само еден гол, а Вардар во транс стигна и до 10 гола разлика, со 21-11 во 44. минута. До крајот Висла не дојде подолу од осум разлика, а предноста на Вардар растеше и до највисоки 12 позитива.

Алекс Душебаев повторно брилјираше, овој пат со девет гола, од кои седум во првиот дел, осум постигна Сергеј Горбок. Незаменлив беше Арпад Штербик со 12 одбрани, а важен беше и Игор Карачиќ со седум гола, кој беше третата и непогрешлива опција за линијата од седум метри.

Со пласманот во четвртфиналето, Вардар го повтори успехот од мината сезона и дојде на само еден натпревар од посакуваниот фајналфор. Кој ќе биде следен противник ќе покаже ждрепката, во вторник.

Најзаслужен за победата секако беше и тренерот Гонзалес бидејќи неговите замисли брилијантно течеа.

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ