Македонската ракометна репрезентација ја забележа и третата победа на Мундијалот во Катар. Во Б групата, Македонија ја совлада селекцијата на Босна и Херцеговина со 25:22 (13:11). Со оваа победа Македонија и дефинитивно го обезбеди пласманот во осминафиналето.
Македонските ракометари одлично го отворија мечот со БиХ, нападот беше течен, одбраната беше на ниво, Босанците направија неколку технички грешки и резултатот по седум минути беше 4:0. Босанците на почетокот на осмата минута го постигнаа првиот гол, но Македонија возврати со два гола и во десеттата минута беше 6:1. По почетната добра игра, избраниците на Обрван започнаа да грешат во нападот, одбраната не делуваше премногу сигурно, голманот на БиХ Буриќ одбрани неколку топки и Босанците со серија од шест гола направија целосен пресврт (6:7 во 18.минута). Возаврати Македонија со три гола во наредните пет минути (9:7), а добриот ритам „црвено-жолтите“ го задржаа до крајот на полувремето и по 30 минути имаа предност од 13:11.