По повод последните случувања поврзани с фудбалсиот клуб „Победа“ од Прилеп, со соопштение до јавноста се јави и Управниот одбор на клубот, во кое велат дека поради сите изречени казни и суспензии УО ќе размисли дали и понатаму ќе продолжи со финансирање на прилепска „Победа“.
Соопштението ви го пренесуваме во целост
Како општествено одговорни прилепски компании во партнерство со локалната самоуправа од Општина Прилеп од пред неколку години решивме да инвестираме во најпрепознатливиот бренд на најфудбалскиот град во Македонија а тоа е Фудбалскиот клуб ,,Победа,,. Со надеж и желба да ја исправиме неправдата која го остави Прилеп без фудбал и за да ја вратиме славата на клубот кој го заслужил тоа низ историјата.
Со многу труд, со голема посветеност, со професионална работа и многу вложени финансиски средства успевавме и бевме на добар пат тоа да го оствариме. Инвестираме во првиот тим кој по една сезона повторно се врати во втората МФЛ , во младите категории каде ангажиравме голем број на стручни лица и обезбедивме услови. Денес имаме повеќе од 150 членови во сите младински категории.
Имаме четири младински екипи кои успешно се натпреваруваат во Супер лигата и кои се сигурна база за иднината на клубот. На наше задоволство и со одлична организација и иновативни идеи ја вративме повторно публиката на градскиот стадион и донесовме радост на огромен број на љубители на фудбалот. Претставивме и нова маскота на клубот која успешно ги анимира и најмладите љубители на фудбалот кои со огромно задоволство и нетрпение го очекуваат секој наш натпревар како наши најискрени навивачи.
Направивме да се чувствуваат безбедно и како дел од нас уште од најмали нозе да го засакаат фудбалот и на тој начин да растат заедно со спортот и во спортски дух, со цел во иднина да одолееат на безбројните пороци кои ги демнат. Сега после настаните од последниот првенствен натпревар против ФК Македонија Ѓорче Петров, каде дојде до прекин на натпреварот поради физички напад на главниот судија од страна на навивачката група, се прашуваме дали треба и понатаму да инвестираме ? Од самиот почеток на сезоната односно уште од бараж натпреварите со Беласица па се до овој натпревар како клуб од страна на ФФМ и МВР сме казнети парично на скоро секој домашен натпревар со парични казни во вредност од повеќе од 8.000 евра.
Поради испадот на навивачката група на последниот натпревар очекуваме висока парична казна и од ФФМ и од МВР и суспензија на теренот од неколку натпревари. Ова уште повеќе ја усложнува и отежнува работата на клубот и е нарушена финансиската конструкција која е зацртана за потребите на клубот за оваа сезона. Па сега наместо да инвестираме во фудбалери, во подобрување на условите, во унапредување на спортот во младите категории ние како клуб треба да исплаќаме казни.
Исто така суспензијата на теренот значи зголемени трошоци за организација на натпреварите на туѓ терен и тоа дополнително го оптеретува и така скромниот буџет на клубот и не става во позиција да се бориме за опстанок во лигата наместо за едно од трите места кои водат во првата МФЛ. Ние како клуб остро ги осудуваме настаните кои се случија на натпреварот и сме разочарани од дивеењето и насилничкото однесување на навивачката група. Насилството и спортот не одат заедно и за ваквото однесување не постои оправдување.
Какво и да било судењето на судијата или однесувањето на било кое лице кое е службено на натпреварот, никој од публиката не е повикан да го оценува истото, што е уште полошо да ја земе правдата во свои раце и да донесува пресуда на лице место. За ова постојат институции каде се врши притисок за да не се случуваат вакви моменти и вакви испади од страна на службените лица кои се задолжени за нормално одвивање на натпреварот. Но секакво однесување надвор од институциите на системот, најпрво само му штети на клубот, играчите, управата и публиката. Тоа се претвора во хулиганство и анархија од што клубот сака да се огради!
Зарем не беа доволни тие 8 години срамна казна од страна на УЕФА за нашиот клуб Пoбеда? Зарем не беше доста осакатувањето на една плејада млади фудбалери кои заради истата казна неможеа да се докажат со своите квалитети играјќи во својот град, за својата Победа? Зарем не беше доста тоа што публиката од најфудбалскиот град во Македонија беше лишена од гледање на дерби натпревари и присуство на Европски натпревари? И сето тоа заради неколку лица, внатре од Македонија, кои ја “предадоа” Победа за свои лични интереси! И сега, кога сето тоа машки го издржавме и кога решивме да ја вратиме Победа на правата патека, во друштвото каде што припаѓа, се случуваат слични работи! Повторно од неколку лица ќе ни се случи да бидиме исфрлени од тоа друштво на големи клубови и повотрно нема да гледаме дерби натпревари и повторно ке бидеме за “потсмев’ во кулоарите на фудбалската фела! Како да не сме способни да бидеме Фудбалски град, кој знае да го цени фудбалот и кој знае стоечки да ги издржи сите успеси и неуспеси на својот клуб!! На кого му е потребно сето ова? На вистинските љубители на Победа сигурно НЕ! Правите љубители на клубот ќе навиваат со срце и со душа за своите миленици, но никогаш нема да направат нешто со што ке го осакатат постоењето на својот клуб!
Па зарем не гледаме како навиваат љубителите на познатите европски гиганти во фудбалот? Па зарем не сакате да гледате таква слика и на нашите натпревари? Каде секој доаѓа на натпревар за да го бодри својот клуб и храбро се носи и со победата и поразот на истиот. Тоа е дел од играта! Но, сепак секој доаѓа да се чувствува сигурно и да помине убави два часа од своето време, кои ги одвоил да избега од своето секојдневие! Тоа во цивилизираните фубалски градови е празник! Луѓето живееат за тие моменти! А и Прилеп во минатото беше еден од тие примери! Град кој живееше за фудбалот и го славеше фудбалот!! Но за жал не сме повеќе во тоа друштво!
Се претовривме во место каде ни фудбалерите ни публиката не знааат што ќе им се случи во текот на играта? Дали ќе спасат жива глава од натпреварот? Дали утре пак ке заиграат фудбал? На тоа ниво спаднавмe!! Од град кој беше за пример во бившите ЈУ простори за фудбалска публика,за фудбалска атмосфера!! Ваквото oднесување мора да запрe!! Не смее да се повтори фудбалот и клубот да станат заложници на неколку лица кои со своите постапки му штетат на спортот воопшто!! Замислете повторно да нема фудбал или било кој друг спорт во градот. Каде би оделе и за кого би навивале сите оние кои сега во името на љубовта спрема Победа или другите клубови од градот, прават нереди и ги оштетуваат екипите со плаќање на казни за нивните постпаки? На кого му прават добро овие т.н.љубители на фудбалот?
На никого! Само прават и понатаму во нашиот град да нема екипен спорт, зошто никој паметен не сака да инвестира и да вложува свое време, средства и пари за некој кој со една постпака ке му го уништи сето тоа! И после пак ќе се зборува дека толкав град а никој несака да му помогне на спортот!!Треба да се запрашаме најпрво, дали заслужуваме да имаме спорт во градот? И за кого?!