Фудбал

ВАРДАР НА КОЛЕНА ПРЕД ПОБЕДА: На Гачевски му тргна да ја вади топката од својот гол (ВИДЕО)

Македонскиот шампион Вардар го врза вториот последователен пораз, по оној од Реал Сосиедад во Лига Европа. Денес, „црвено-црните“ капитулираа на гостувањето во Прилеп кај Победа (1-0) во 11. коло и го запишаа вториот сезонски неуспех во ПМФЛ.

Јаневски им даде доверба на Марковиќ и Максимов од првата минута, а Бубања се определи за Шаркоски и Карчески на бековските позиции. По само две минути гостите ја имаа првата закана, кога Блажевски пласираше од левата страна, но топката заврши за малку крај дирекот. Победа се закани со продорот на Шаркоски во 21. минута, но неговиот центаршут во петерецот не го сочека никој и пропадна ветувачка акција на прилепчани. Во 31. минута Лука Трајкоски се пресели на десната страна и биеше по земја, но Гачевски со парада ја исфрли топката во корнер.

Со тактичка и тврда игра првиот дел заврши без голови и со само еден удар во рамката од двата гола.

Тензијата и цврстите дуели продолжија и во второто полувреме, а главниот судија Дејан Јакимовски не сакаше да вади картони, па неколку фудбалери поминаа со усни опомени. Победа играше амбициозно и сакаше да покаже дека може да се надигрува со фаворитот, па на моменти изгледаше и надмоќна против фудбалерите на Чедомир Јаневски.

Најзрелата шанса ја имаше Цветановски по еден час игра, кој одлично биеше од работ на казнениот простор, на што Гачевски одговори со уште поубава интервенција. Јаневски го повлече својот прв потег и го внесе Барсегјан во игра, кој требаше да го разигра нападот.

И кога се очекуваше притисок на гостите, Дарко Илиески го искористи одличниот центаршут од корнер и ја затресе мрежата на Гачевски за изненадувачко водство на Победа. Вардарци одговорија преку прекин, но капитенот Грнчаров немаше среќа и од непосредна близина биеше покрај голот на домаќините.

Вардар тргна со пет офанзивци, но немаше среќа да го израмни резултатот и мораше да се задоволи со минималниот пораз од ова гостување.

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ