Ракометната репрезентација на Македонија не успеа да ги повтори првите 30 мундијалски минути во Минхен, во кои го торпедираше голот на Јапонија и неочекувано се мачеше против селекцијата на Бахреин, која покажа квалитетна игра во двата правци и на одмор се замина со наша предност од четири гола разлика (12-8).
Македонија за првпат на овој Мундијал настапи со црвени дресови, а бахреинската мрежа прв ја стресе ракометарот на Еурофарм Работник, Филип Кузмановски, кој со бомба од девет метри погоди за 1-1. Следуваше период на грешки пред двата гола, па на сцена стапи капитенот Лазаров, кој со гол и асистенција до Георгиевски ѝ донесе на Македонија водство од 3-2, за потоа Кузмановси преку контра да зголеми на 4-2.
Налетот на нашите момци му донесе мотивација плус на Ристовски, кој со три врзани одбрани обезбеди лесни реализации на Манасков и Лазаров за веќе сигурно водство од 6-2, по десет минути игра.
Сепак, Бахреин не се предаде и по почетниот шок веднаш се врати во игра и со четири брзи гола израмни на 6-6, а со голот на Мерза од место го врати водството на 6-7, по што следуваше тајм-аут за Раул Гонзалез. Кризниот период на нашите ракометари, кој траеше цели 11 минути без постигна гол го прекина Лазаров, кој погоди од пенал за израмнување на 7-7. Ниту, погодокот на капитенот не ги освести нашите ракометари, кои продолжија со грешките, но Борко повторно беше на ниво и со две врзани одбрани не дозволи ново водство на противникот.
Членот на Нант со неговиот четврти погодок донесе ново водство од 8-7, но Ал Саја со проектил веднаш возврати и израмни на 8-8. Одличното прво полувреме Филип Кузмановски го круниса со трет гол за 9-8, а Манасков по две перфектни контри донесе +3, кои до крајот на првиот дел беа зголеми за уште ден гол (12-8).