All for Joomla All for Webmasters
Македонија

Тендерот од 35 милиони евра поништен, Филипче треба да плати 78.000 денари за грешката

Тендерот од 35 милиони евра поништен

Комисијата за жалби по јавни набавки ги прифати жалбите поднесени од три фирми во врска со тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски анализи, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи со отстапување на потребната опрема на бесплатно користење за јавните здравствени установи.

Сега Министерството за здравство и официјално треба да го поништи тендерот на кој имаше само една понуда, а на трите економски оператори кои се жалеле, треба да им исплати по 26.000 денари, објави „Слободен печат“.

Според неофицијалните информации, Министерството за здравство наредната недела ќе распише нов тендер за истата набавка.

Државната комисијата за жалби по јавни набавки смета дека со тоа што понудата е неделива, односно во еден пакет се бараат шест видови на тестови, опрема, информатички систем и транспорт се ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори, и дека тука е всушност причината заради која на тендерот имаше само една понуда. Тоа значи дека ако на заинтересираните компании им беше дадена можност да дадат понуда за само една од ставките, а не за сите заедно, ќе имаше повеќе понуди и ќе се постигнеше подобра конкуренција.

Решението на Комисијата е конечно и Министерството за здравство мора да постапи по него.

Единствената понуда на тедерот ја достави фирмата АББОТ Гмбх Цо КГ од Германија. Жалби поднесоа три компании „Д-р Пановски“, „Авицена“ и „Адриамед“, а Комисијата за жалби по јавни набавки ги прифати сите три.

ИЗВОР: РЕПУБЛИКА

ВРВОТ