All for Joomla All for Webmasters
Македонија

Историски говор на Јане Ченто пред Апелациониот суд Скопје

Почитувани судии Ви благодарам за можноста да ја образложам мојата жалба на Решението од Основен суд Скопје 1 КОК-КР.бр 922/18 од 21.09.2018 година.

Ќе се обидам да бидам краток и јасен во мојот говор со кој се надевам дека ќе Ве убедам да ја прифатите и уважите мојата жалба.

Почитувани судии, мислам дека пред Вас стојам повеќе од 10 пати и убеден сум дека Вие ќе застанете на правдата и вистината.

Почитувани судии, Основниот суд Скопје 1 во образложенијата константно почнува со зборовите, цитирам “сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а кој притвор започнал да се применува од 03.04.2018 година продолжени со решенија на Кривичниот совет итн”.

Прво, јас колку што се сеќавам докажав дека сум ја почитувал наредбата од Апелациониот суд кога ми одреди куќен притвор и го докажав тоа, иако Обвинителството тврдеше поинаку.

Почитувани судии, 7 луѓе, 7 фамилии гарантираат за мене со својот имот во вредност од 526.370 евра.

Како што ме учеа на правниот факултет, гаранцијата претставува најсоодветна можност за замена на мерката притвор кога осомничениот или обвинетиот е во притвор само поради опасност од бегство, како што е во мојот случај.

Почитувани судии, во притворот во Шутка условите се под секое човечко достоинство, а тоа го потврди и Народниот правобранител во својот годишен извештај.

Почитувани судии сакам да наведам дека имам солидна материјална состојба, редовно вработен, имам потесно семејство, сам дојдов во МВР и ОЈО за исказ, никогаш немам засновано работен однос во странство, ретко ги напуштам границите на РМ, немам пасош на друга држава и што е најбитно имам репутација на совесен граѓанин кој никогаш во животот немал ниту прекршочна пријава ниту кривична пријава.

Почитувани судии, ОЈО нема аргументи дека треба да ми се продолжи мерката притвор.

Немам намера да бегам, гаранцијата која ја давам денес која е околу 530.000 евра е ништо во однос на гаранцијата која е мојот син.

Немам намера да бегам бидејќи духовната гаранција е повеќе вредна од материјалната.

Немам намера да го оставам мојот син и да избегам како кукавица, имам намера да ја докажам мојата невиност за делото кое ми се става на товар.

Невин човек не бега, бегаат само кукавици кои не можат да го издржат притисокот на правдата која ги чека.

Почитувани судии, дома бев повеќе од 30 дена пред да ме вратат во притворот во Шутка, зарем не е логично да сум сакал да бегам ќе избегав тогаш?

Почитувани судии, Вие знаете дека висината на казната сама по себе не е доволна причина да ја оправда причината за бегство.

Случајот, Вемхоф против Германија: ЕСЧП наведува дека лицето кое е обвинето за кривичното дело, мора секогаш да биде ослободено за време на судењето, освен ако државата не покаже дека постојат релевантни и доволни причини кои го оправдуваат притворот.

Правото на слобода и сигурност на личноста мора секогаш да биде земено во предвид од страна на судот кој одлучува за притворот, дури и во случаи каде е запретена висока казна.

Според Европската конвенција сериозноста на делото и висината на запретената казна не можат да бидат сами по себе основ за продолжување на мерката притвор.

Почитувани судии, Ве уверувам дека немам намера да бегам, туку напротив сакам што побрзо да ја докажам мојата невиност.

И сами знаете дека во мојот случај има луѓе кои се обвинети за исто кривично дело и се бранат од слобода, односно со гаранција и тие луѓе не го попречуваат судењето туку редовно доаѓаат на закажаните судски рочишта.

Почитувани судии од Вас барам да ја исправите неправдата која ми е нанесена кога ме вратија во Шутка. Јас ја почитував секоја ваша наредба и одлука.

Од почетокот на моето приведување сум коректен кон сите и секогаш тоа што сум го говорел, сум го говорел со факти и докази.

Денес за мене гарантираат 7 фамилии со својот недвижен имот и јас не сум несовесен да оставам 7 фамилии на улица.

Почитувани судии ќе завршам со една анегдота која гласи: Нумериј, гувернерот на провинцијата Нарбоненсис во склоп на огромната Римска империја бил суден пред императорот и спротивно на вообичаената пракса во кривичната материја-судењето било јавно. Нумериј се бранел така што негирал дека е виновен со оглед дека немало доволно докази против него, па кога неговиот противник Делфидиј, согледувајќи дека неуспехот на обвинението е неизбежен, не можејќи да се воздржи извикал “О ти славен Цезаре! Ако е доволно само да се негира вината што ќе биде отсега па натаму со виновниците?”
На тоа прашање следел славниот одговор на императорот Јулијан “Ако е доволно само да се обвини што ќе биде со невините?”

Почитувани судии, не бегал прадедо ми, не бегал дедо ми, не бегале ни мајка ми ни татко ми, немам намера да бегам ни јас од Македонија.

Почитувани судии, Ве молам да ми ја уважите жалбата, да ја прифатите гаранцијата која ја нудам за да можам да се бранам од слобода и во која одбрана ќе докажам дека не сум виновен за делото кое ми се става на товар.

Ве молам да ми ја уважите жалбата.

Ви благодарам

ВРВОТ