Ракомет

МАКЕДОНСКАТА ФАЛАНГА ЌЕ ЕЧИ ВО ВАРАЖДИН: Македонија е во втората фаза на ЕП

Македонија оди во втора фаза на Европското ракометно првенство во Хрватска и тоа, најмалку со два пренесени бода. Ова со гордост го тврдиме откако нашите ракометари вечерва ја запишаа и втората победа во групата Ц во Загреб, со 29-28 против Црна Гора.

Натпреварот се одвиваше по принципот „ги добивме на кондиција“. Црногорците водеа тесно во првиот дел, но не умееја да го додржат водството и во вториот. Набргу по паузата Македонија направи серија од 4-0 и поведе со 21-17 во 45. минута. Црногорците повторно наближија, но дури да почнат последните 10 минути од мечот повторно се одлепивме, на 24-20.

Играта страна брза, на моменти комична, се губеа повеќе топки, а одбраните на Никола Митревски, кој влезе во второто полувреме ни овозможуваа и по некоја контра, па Црногорците тешко стигнуваа, иако и тие беа ефикасни. Дојдоа на минус еден во последните три минути, но тука застанаа. Капак на сѐ им беше пропаднатиот напад во последната минута кога Митревски со одбрана „а ла“ Штербик ја затвори ролетната на македонскиот гол.

Првото полувреме, пак, беше токму како што стравуваа македонските ракометари: Црногорците извадија 200 отсто од себеси, погодуваа многу лесно, па дојдоа и до највисоки три разлика, 8-5, во 15. минута. За волја на вистината, нивната одбрана беше еднакво пробојна како и нашата, па нашите ракометари го следеа противникот, во неколку наврати и поведоа, но на пауза заминаа со 16-15.

Во моментов, Македонија е прва со четири бода во групата Ц, пред Германија со три и Словенија и Црна Гора по еден. Следниот меч го играме со Германците, в среда во 17.15 часот. 

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ