Не сум различна, колку и да слушал некој поинаку за мене. Лоша, арогантна, самобендисана сум само поради мои причини. Но, љубам поради исти причини. Поради оние причини од целиот свет. И тој ми кажа така. Дека знае да сака. Да ме љуби дури и од далеку исто како да сум му блиску. Далеку сме, има километри помеѓу нас.
Но, со некои лица имаме само сантиметри, а не се ни гледаме, не се ни слушаме, не се ни разбираме. Нема две добра, нема две исти срца. Има само иста љубов на поинаков начин. Другите не ги ни разбирам што сакаат да кажат, колку и на мој јазик да зборуваат. Но, него толку добро го чувствувам, толку добро ми лежи на душава. Понекогаш се прашувам: што правев досега без него? Знае да ме нарече дека сум му мила. Мила миличка. Знае да го каже тоа на вистинскиот тон за моите уши, да се насмее најсовршено за моите очи, да ме прегрне најсигурно со неговите раце. И вреди да се патува за таков човек. Вреди да се поминат неспиени саати бидејќи покрај него е секогаш мојот безгрижен сон. Без него беа само кошмари, и на сон и на јаве. Се чувствувам како да сум принцеза од бајка заробена во замок со страшни стражари и високи ѕидови, но легендите ми кажале дека само тој може да ме спаси. И би го чекала макар сто години, макар неколку века, макар години само во мрак бидејќи знам дека со него до крајот на животот ќе имам светлина во мојата душичка. Знам дека секој километар за него ќе вреди. Ми рече: „Мила, издржи! Далечината не значи ништо во споредба со блискоста на срцето. Замисли дека животот е едно патување. Замисли дека минуваш милји и милји патишта за да ја најдеш својата сродна душа. Дали првиот на кого налетуваш е таа твоја животна љубов? Дали поминуваме низ секакви искушенија и злобни луѓе за да ја пронајдеме? Така и оваа далечина мила, издржи ја како животот, избегни ги минутите на криза за љубениот и помисли дека кога ќе бидеш со мене ќе бидеш вистинска мила девојка каква и што си. Вистинската убава моја девојка каква што ја знам.“ Да, ја имам таа криза секогаш во животот кога ми недостига она што го сакам. Се чувствувам несакана од светот, незадоволна од себеси бидејќи ми се дало да љубам на километри. Но, секогаш кога ми е тешко, си го слушам него во мисливе: -Мила, и далеку е доволно блиску – ако вистински сакаш, ако вистински љубиш. Ќе го пребродам и ова искушение кое животот ми го праќа по втор пат.