Македонија

Што се спрема во петок: Сите повикуваат на мирни протести и мирна полиција

Пред трговскиот центар Чаирчанка во Скопје, за во петок, по пладневната молитва на муслиманите, закажан е протест „Против монтираните случаи” по пресудата за доживотен затвор за шестмина обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Преку социјалните мрежи се повикуваат граѓаните на протест „против монтираните случаи, невините убиства, семејните малтретирања, етничката омраза и верската омраза“.

Според реакциите по социјалните мрежи во петок се очекува голем протест. Роднините и пријателите на обвинетите досега неколку пати демонстрираа против полицијата и судот и уште од самиот почеток на процесот отворено се сомневаа во праведна пресуда.

„Радикалната христијанка Јанкуловска да го прекине монтираниот протест“ беше пораката на првиот протест, неколку дена по приведувањето на обвинетите, на 11 мај 2012 година (убиството се случи на 12 аорил 2012). Протестантите тогаш бараа основање заедничка комисија на експерти од Албанија, Косово и Турција, кои ќе ги испитуваат убиството и полициската акција „Монструм“. Пред обвинителството се демонстрираше и на 6 јуни годинава по завршните зборови на обвинителката Гордана Гешковска од 30 мај.

„Не е случаен денот Велики четврток, 12 април 2012 година, кога се случи убиството кај Смилковци. Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска христијанска националност. Пораката е – Пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата.

Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Пукаме во иднината на државата“, рече тогаш Гешковска и побара најстроги казни за обвинетите. Носејќи пароли „Стоп за монтираните процеси“, „Не сме терористи“ и сл. учесниците на протестот тврдеа дека обвинетите се невини и дека вистинските убијци на момчињата кај Смилковско Езеро се на слобода.

Тие побараа оставка од обвинителката во овој процес, Гешковска, за чие обвинение тврдат дека е монтирано и дека одразува предрасуди на етничка и верска основа.

Невладината организација Цивил – Центар за слобода апелира на смиреност, разбирање и почитување на правото на протест.

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ