На вечерашниот протест не смее да се дозволи да има луѓе со фантомки на главите, порачуваат организаторите од студентското движење „Млади за Македонија”. На социјалните мрежи тие ги повикаа граѓаните ако забележат лице со фантомка, да му ја симнат и да го предадат на полиција.
„Кружат информации дека на денешниот протест ќе има инфилтрирани провокатори со фантомки, кои имаат за цел да ја нападнат полицијата и да предизвикаат немири.
Со тоа и да нанесат штета на одбраната на името. Ве повикуваме сите вие на секој оној кој има фантомка да му ја отстраните фантомката и лицето да го предадете на полицијата. Исто така, со мобилните камери снимајте ги сите лица кои се провокатори, важно е да биде отстранета фантомката за да се знае кој ги прави провокациите.
Сите кои доаѓаат со фантомки се дојдени за да направат инцидент и затоа не смее да се дозволи луѓе со фантомки воопшто да бидат присутни на протестот”, повикаа „Млади за Македонија.
Тие нагалсуваат дека по никоја цена не се дозволени напади на полицијата.
„ Полицајците се наши браќа кои го даваат животот за нашата татковина Македонија. По никоја цена не смее да се дозволи напади на полицијата, а ние се оградуваме од секаков вид на насилство. Ве повикуваме сите вие да се воздржете од насилство и да превенирате насилство. Ние се оградуваме од секој вид на насилство, говор на омраза или недолично однесување”, напишаа на социјалните мрежи организаторите.
Протестот за одбрана на името на државата е предвидено да почне во 20 часот пред Собранието на Република Македонија. Веќе е поставена бина за говорниците на тротоарот во паркот „Жена – Борец”.