Македонија

ЛОЗАРИ ЗА РЕСПЕКТ! “KРВОПИС Е И ВАТАША” во чест на дванаесетте ваташки младинци (ВИДЕО)

ЛОЗАРИ ЗА РЕСПЕКТ

На одбележувањето на 75-годишнината од масакрот кај кавадаречкото село Ваташа, кога бугарската војска стрелала 12 младинци од ова село, навивачката група “Лозари” на достоинствен начин се присети на прерано згаснатите животи на 

Перо Илов (15), Вачо Гурев (19), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков ( 18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџијорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

Масакр во Ваташа — крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 12 км од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и одреди полиција, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка. По тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија се локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот не’ собираше од куќите со готов список, сите не имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште. Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Очигледно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат.

Најстариот од сите, Васо насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата ‘оган’. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана.

Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.

Историски податоци: ВИКИПЕДИА

ЦЕЛАТА СТОРИЈА МОЖЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ НА МАРКУКУЛЕ.

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ