Американското Федерално биро за истражување (ФБИ) заедно со други агенции од уште 19 земји во светот ја разбија интернет страницата Даркод (Darkode), која е една од главните онлајн форуми на хакери за продажба и купување на бази на податоци и лични информации на корисници од цел свет.
– Даркод е една од најсериозните закани за податоци, зачувани на компјутери во САД и ширум светот. Тоа беше најголемиот и најпрофесионалниот форум на англиски јазик за кибер-криминалци од цел свет, соопшти Министерството за правда на САД. Обвинителот Дејвид Хиктон изјави дека се уапсени 12 лица во Пенсилванија, а се трага по уште 70 лица во САД и во други 19 земји, меѓу кои се Велика Британија, Австрија, Македонија, БиХ, Бразил, Канада, Колумбија, Коста Рика, Хрватска, Кипар, Данска, Финска, Германија, Израел, Литванија, Нигерија, Романија, Србија и Шведска.
Сајтот имал околу 300 активни корисници. Тој бил затворен вчера, кога биле покренати обвиненија за кибер-криминалците, а уапсени се дел од нив. На интернет страницата се продавале украдени бази на податоци, кои содржат милиони адреси на електронски пошти, како и други лични информации за корисници од цел свет. Пристап до овој форум можело да се добие само со покана од веќе регистрирани хакери на него.