Прилепчани веќе си ги измерија силите со некои од конкурентите, на турнирот кој го организираа во својот град и од три меча запишаа два пораза (Охрид и Радовиш) и една победа (Пелистер). Победи запишаа и на контролите со прволигашот ХЈС Работник и со Борец, но новиот тремер, Томче Петрески сѐ уште е во фаза на вклопување на тимот.
Останаа најголем дел од играчите од минатата сезона (си заминаа Васко Димитровски, Кире Марковски, Дејан Михајловски и Златко Мојсовски), но затоа пристигнаа пет странци. Нови членови се левите бекови Горан Шаренац (БиХ) и Владица Андреиќ (Србија), десното крило Дмитри Турченко (Украина), голманот Милош Рајчиќ (Србија), и младиот српски пивот Никола Секулиќ.
Единствениот проблем кој го имаат прилепчани е малата сала во средното училиште Ристе Ристески-Ричко, во која се приморани да играат, затоа што двете спортски сали во градот се скапи за користење. Велат, огромните суми кои ни ги бараат за еден натпревар, подобро ќе ги вложиме во младинските категории, каде што ќе добиеме некој резултат. Сепак, ако има некоја предност капацитетот од 600 седишта во училишната сала е тоа што постојано е полна, против кој било ривал. Сезоната за прилепчани ќе почне на 19 септември, против соседскиот ривал Пелистер, на домашен терен.