Ако во Битола имаше шок-бомби и пресметки на трибините, во Кратово прволигашкиот меч меѓу Силекс и Хоризонт Турново го одбележа еден друг бизарен момент.
Второто полувреме доцнеше цели пет минути поради инцидентот на теренот кој го предизвика змија долга четириесеттина сантиметри. Токму во миговите кога најдобриот македонски судија Александар Ставрев сакаше да означи старт на второто полувреме, на половината на гостинскиот тим настана мала паника. Набргу се утврди дека се работи за змија со сива боја која на полувремето влегла во теренот. Најголема храброст покажа напаѓачот на кратовци Стојанче Велинов, кој имаше неколку неуспешни обиди да ја отстрани од теренот. Публиката се пошегува на сметка на Ставрев, сугерирајќи му да и додели црвен картон и да ја испрати во соблекувална. Тогаш стигнаа редарските служби, кои со две-три подритнувања ја исфрлија зад кабината на гостинскиот тим и мечот нормално продолжи.
ИЗВОР: АБЕРЏИЈА