Европскиот шампион Барселона ова утро ја достави и официјалната листа на фудбалери на кои ќе смета во Лигата на шампионите, а секако многу важна вест за македонската спортска јавност е што во неа се најде и нашиот репрезентативец Давид Бабунски.
Суперталентираниот македонски фудбалер одлучи да остане во Барса Б и покрај тоа што тимот се натпреварува во шпанската трета лига, но сега доби голема награда за својата упорност и големиот потенцијал кој го надградува со текот на годините.
Барселона пријави точно 28 фудбалери за претстојните предизвици во најелитното фудбалско натпреварување, а нашиот Бабунски се најде во Б листата во која уште се најдоа и младинците Сампер, Грималдо и Суарез. Луис Енрике на овој начин само потврди дека го следи прогресот на македонскиот фудбалер, а ние може само да се надеваме дека ќе добие шанса за настап во групната фаза на Лигата на шампиони каде Бабунски е регистриран со бројот 29.