Македонија

Димитров: Што и да се случи, ќе го потпишеме договорот во Преспа

Димитров

Потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција ќе се случи овие денови, порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за Дочје веле, кое го пренесува МИА.

Тој интервјуто го даде по средбата во Берлин со неговиот германски колега Хајко Мас.

– Ќе следи овие денови, текстот треба да помине на Влада. Ќе видиме што се случува и во Атина и таму има политички турбуленции, дали ќе има нешто посебно во грчкиот Парламент или нема да има, може тоа да биде викендов, може тоа да биде веднаш и по викендот, рече Димитров, одговарајќи на прашањето колку е извесно договорот да биде потпишан викендов во Преспа на грчка територија.

На потпишувањето на договорот, како што рече, ќе има високи гости.

– Ќе има високи гости, бидејќи како што спомнав во моментов во светот нема можности за други големи успеси и убаво е на една ваква работа да ѝ се даде тежина. Наша задача како дипломатија е да нудиме решение и за најтешките прашања и во таа смисла и Фредерика Могерини тоа го искажа во нејзината изјава и го спомена ова прашање како пример дека дипломатијата сепак може да функционира, рече Димитров, одговарајќи на прашањето дали на потпишувањето ќе присустуваат високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и генералниот секетар на ОН, Антонио Гутереш.

Во врска со вчерашната средба со претседателот Ѓорге Иванов нагласи дека сите во Македонија треба да ги обединат силите околу еден основен постулат, без разлика на ставовите во однос на договорот со Грција.

– Сите сакаме Македонија да оди напред, сите сакаме нашиот идентитет да биде заштитен, афирмиран, промовиран. Мислам дека полесно ќе разговараме за разликите ако се најдеме на овој постулат. Македонија можеби имаше шанса да направи, да извлече подобро во изминативе години. Мислам дека не најдовме храброст да се решиме од оваа котва, што не влече надолу во пливањето, во ова пливање. И сега кога има влада што се реши серозно да влезе, што мисли каде ќе биде Македонија за десет, 20 години, без притоа да го наметнува решението. Наша задача како политичари, а политиката е уметност на можното, да гледаме реално на ситуацијата, да се соочиме директно во очи, да го гледаме проблемот, да најдеме решение и тоа решение да им го понудиме на граѓаните, нагласи тој.

Истакна дека ниту тој, ниту друг министер, ниту премиерот, ниту претседателот, па дури ниту Собранието не можат да го заменат референдумското изјаснување на граѓаните, бидејќи се работи за нивната иднина.

– Време е за лидерство, со тоа што мора шансата што ја создадовме да им овозможиме на граѓаните да се изјаснат. Ова никому ова не е лесно. И мислам дека храброста е токму во соочувањето со проблемите. Доколку има алтернативни опции други патишта кон иднината убаво би било и тие да ги слушнеме, нагласи шефот на дипломатијата.

Изрази задоволство од денешната средба со Мас и нагласи дека охрабрувачки ги примил неговите пораки.

Во врска со тоа дали добил конкретно ветување од Мас за некакви гаранции за датумот за преговори вели дека добил конкретни заложби што тој лично ќе прави.

Следниот вторник има мошне важна заедничка владина седница на Германија и Франција, на која ќе стане збор и за Македонија и за нејзините европски перспективи, информира министерот.

– Договоривме уште некои други кoнкретни работи што ние може да направиме, што тие може да направат, меѓутоа клучно и Германија и Франција се основните столбови на ЕУ, а сето тоа на некој начин создава дополнителна одговорност. Одговорност кога има шанса за прогрес, таа шанса да се зграпчи и да се искористи. И во таа смисла мислам дека во тој контекс ќе се најде разбирање меѓу овие две држави и сите други да ја искористиме шансата што сами си ја создадовме, нагласи Димитров.

Во врска со укажувањето на Мас дека не е неопходно Македонија и Албанија да одат во пакет кога се работи за датумот за почеток на преговори Димитров вели дека Македонија има инстерес сите нејзини соседи да одат напред.

Колку попрогресивна Албанија имаме, и Србија и другите држави толку полесно и ќе не биде и нам да одиме напред. Истовремено факт е дека Македонија беше премногу долго заклучена во чекалната, го најдовме клучот, граѓаните ќе изберат дали тој клуч ќе се употреби да се отвори вратата. Би било стратешки погрешно па дури и трагично после таа врата да има уште некоја врата, која што нема врска со нас. Процесот на пристапување функционира само тогаш кога е базиран на перформанси. Ако ние успеваме и одиме напред мора да не пресретнат со позитивни одлуки, за да имаме мотив, истакна македонскиот министер за надворешни работи во интервју за Дојче веле.

ИЗВОР: РЕПУБЛИКА

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ