Македонија

Бетмен, Дурловски, Јовановски и Дамовски ќе добијат амнестија заедно со пратениците

Остануваат уште два дена за обвинетите во случајот 27 април да поднесат барања за амнестија. Покрај пратениците кои сигурно ќе бидат ослободени од вина, нема да се гонат ниту организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Игор Дурловски и Владо Јовановски, велат извори за „Скопје 1“.
Според истите извори, законот ги опфаќа и нив, па со тоа, тие ќе поднесат барање за амнестија кое обвинителството ќе го разгледа и за истото ќе даде мислење до судот.

Обвинителката Вилма Рускоска смета дека Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Игор Дурловски и Владо Јовановски не ги исполнуваат условите за да бараат амнестија, но во интервју за „360 степени“ вели дека сепак последниот збор на крај ќе го има Јавното обвинителство.

Законот за амнестија во четвртокот беше објавен во Службен весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Секој од обвинетите за „27 април“ има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Најсподелувани во последните 14 дена

Редакцијата на Barkod.mk не сноси никаква одговорност за коментарите и споделувањата на социјалните мрежи, бидејќи се генерираат преку Facebook, Twitter и други, и за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа. Сите објавени содржини се авторска сопственост на Barkod.mk

Copyright © 2014 - 2020. Barkod.mk - Кодот на вистината. Сите права задржани

ВРВОТ