Роман Абрамович веќе донел одлука да го замени Жозе Мурињо по завршувањето на оваа сезона, а рускиот милијардер би сакал за нов менаџер на Челси да го именува Пеп Гвардиола.
Ова го тврди влијателниот британски весник „Гардијан“, според кој поддршката што Абрамович му ја дал на Мурињо е моментална, но и на Русинот му е јасно дека екипата ја има загубено довербата во тренерот и наскоро ќе дојде до „крај на љубовта“. Португалецот се обидува да го врати тимот во победнички ритам, но веќе ја загуби поддршката на скоро целата управа на клубот, но и на голем дел од навивачите, кои се погласно го осудуваат неговото однесување.
Токму поради ова Абрамович е решен да го задржи Мурињо најдоцна до јуни, а доколку резултатите во меѓувреме не се подобрат, до разделба би можело да дојде и многу порано. Пеп Гвардиола претходно многу често беше поврзуван со Манчестер сити, но Абрамович е подготвен да влезе во наддавање за да стигне прв до услугите на каталонскиот стратег. „Гардијан“ тврди дека веќе е воспоставен првичен контакт со Гвардиола, кој на крајот од сезонава ќе си замине од Баерн Минхен, па понудено му е богатство за својата кариера да ја продолжи токму на „Стемфорд бриџ“.